Талибанците ги исклучија девојчињата од средните училишта во Авганистан и им наредија само на машките ученици и професори да се вратат во училниците. Тие објавија дека средните училишта во земјата повторно се отвораат, но жени и девојчиња не беа спомнати.
И покрај ветувањата дека ќе бидат поумерени, ова е последниот знак на враќање на суровото владеење на талибанците од 1990-ите. Тие претходно го затворија министерството за женски прашања и го заменија со оддел кој своевремено ги спроведуваше строгите верски доктрини.
„Сите машки ученици и професори можат да одат во своите образовни установи“, се вели во соопштението на новата талибанска влада.
Средните училишта се за учениците од 13 до 18 години. Исклучувањето на девојките значи дека тие нема да можат да продолжат со натамошното образование.
Во почетокот на неделата, талибанците кажаа дека жените ќе смеат да студираат, но ќе бидат одделени од машките студенти и ќе имаат строг код на облекување.
Од падот на талибанскиот режим во 2001 беше направен огромен напредок во авганистанското образование, при што бројот на девојчиња во основните училишта порасна од речиси нула до 2.5 милиони, а писменоста меѓу жените се зголеми на 30%.