ТАТКО И СИН СЕ УБИЈЦИТЕ НА 15 ЛУЃЕ ВО  АНТИСЕМИТСКИОТ НАПАД НА ПЛАЖАТА БОНДИ ВО СИДНЕЈ

    ТАТКО И СИН СЕ УБИЈЦИТЕ НА 15 ЛУЃЕ ВО  АНТИСЕМИТСКИОТ НАПАД НА ПЛАЖАТА БОНДИ ВО СИДНЕЈЖртвите се на возраст од 10 до 87 години, а на лекување во болница се 27 луѓе, од кои најмалку шестмина се во критична состојба. Во моментот на нападот, на плажата имало околу 1.000 луѓе. (Фото: АП)

    Австралија најави дека ќе ги заостри законите за оружје откако татко и син убија 15 луѓе во вчерашниот напад на популарната плажа Бонди во Сиднеј за време на еврејска прослава за празникот Ханука. Тие се идентификувани како 50-годишниот Саџид Акрам, кој беше убиен на самото место и неговиот 25-годишен син Навид, кој е во болница во критична состојба.

    Министерот за внатрешни работи Тони Берк кажа дека Саџид дошол во Австралија во 1998 со студентска виза, без да наведе од која држава, додека Навид е роден во земјата. Таткото имал дозвола за поседување оружје од 2015 и имал шест регистрирани оружја.

    Жртвите се на возраст од 10 до 87 години, а на лекување во болница се 27 луѓе, од кои најмалку шестмина се во критична состојба. Во моментот на нападот, на плажата имало околу 1.000 луѓе.

    „Работиме напорно на позадината на двете лица. Во оваа фаза знаеме многу малку за нив“, изјави комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мал Ленион.

    Во возилото на напаѓачите се пронајдени две знамиња на Исламска држава, соопшти австралискиот национален радиодифузер „Еј-Би-Си њуз“, без да цитира извори.

    Очевидците кажаа дека нападот траел десетина минути. Видео снимено од минувач покажува маж како се бори со еден од напаѓачите и го разоружува. Именуван како Ахмед ал Ахмед, пилјар од Сиднеј, тој притоа двапати бил ранет, а по операцијата е во добра состојба. Граѓаните го слават како херој, а за херојството го пофали и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

    Властите се убедени дека нема други вмешани во нападот. Вчерашното пукање е најсериозниот во низата антисемитски напади врз синагоги, згради и автомобили во Австралија од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ги предупредил својот австралиски колега Ентони Албаниз дека поддршката за палестинската државност ќе го поттикне антисемитизмот.

    „Ние стоиме зад еврејските Австралијци и се спротивставуваме на омразата и насилството. Австралија е посилна од оние кои се обидуваат да нè поделат и ќе го надминеме ова заедно“, кажа Албаниз.

    Масовни пукања се ретки во Австралија. Ова беше најтешкиот напад од 1996 година, кога на островот Тасманија беа убиени 35 луѓе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира