ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ ПОТСЕТУВА НА ПОЖАРОТ ВО БУКУРЕШТ ВО 2015 КОГА НА КОНЦЕРТ ЗАГИНАА 64 ЛУЃЕ, РОМАНСКИОТ ПРЕМИЕР ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПО МАСОВНИТЕ ПРОТЕСТИ

    ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ ПОТСЕТУВА НА ПОЖАРОТ ВО БУКУРЕШТ ВО 2015 КОГА НА КОНЦЕРТ ЗАГИНАА 64 ЛУЃЕ, РОМАНСКИОТ ПРЕМИЕР ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ПО МАСОВНИТЕ ПРОТЕСТИИ пожарот во подрумскиот ноќен клуб „Колектив“ во Букурешт бил предизвикан од пиротехника (Фото: АП)

    Вчерашната трагедија во Кочани, во која во пожар предизвикан од пиротехника на концертот на групата „ДНК“ загинаа најмалку 59 луѓе, потсетува на најсмртоносниот пожар во историјата на Романија.

    Пожарот што избувна на 30 октомври 2015 во подрумскиот ноќен клуб „Колектив“ во Букурешт однесе 64 животи: 26 луѓе починаа на самото место, а 38 во болници. Огнот бил предизвикан од пиротехнички средства активирани на концертот на романскиот металкор бенд „Гудбај то гревити“ (Goodbye to Gravity), кој го промовираше новиот албум. На концертот имало околу 400 луѓе, а од клубот имало само еден излез.

    Прскалките од пиротехниката ја запалиле полиуретанската пена наменета за подобра акустика на просторот и огнот брзо се проширил. Најголемиот дел од жртвите се затруле од отровите ослободени од запаливата пена.

    Во најавата на концертот, бендот објавил дека ќе користи пиротехнички ефекти за да се долови суштината на новиот албум. Од петтемина членови на бендот пожарот го преживеа единствено пејачот Андреј Галуц.

    Поради големиот број повредени, чија бројка во прв момент беше 146, дел од пациентите беа префрлени на лекување во други држави. По трагедијата уследија масовни протести против корупција, што доведе до оставка на премиерот Виктор Понта. Тој претходно ги повика властите да ги проверат сите ноќни клубови и барови низ земјата за да се утврди дали ги исполнуваат безбедносните стандарди.

    За трагедијата во клубот „Колектив“ беше снимен документарен филм, кој укажа на слабостите на романскиот здравствен систем и на политичка корупција од широк обем.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира