Доналд Трамп ја исклучил Унгарија од американските санкции за руските нафта и гас на една година, изјави функционер од Белата куќа. Тој синоќа се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, при што најави дека ја разгледува оваа опција.
„Го разгледуваме ова зашто на Орбан му е многу тешко да најде нафта и гас од други извори. Тие немаат излез на море и зависни се од нафта и гас од Русија“, кажа Трамп на средбата во Белата куќа.
Ова следува откако Трамп воведе санкции за двете најголеми руски државни нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“ поради одбивањето на Путин да ја заврши војната во Украина.
По средбата во Белата куќа, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто кажа дека Унгарија добила целосно и неограничено ослободување од санкциите за руските нафта и гас. Висок американски функционер потоа кажа дека ослободувањето ќе биде ограничено на една година.
Како дел од договорот, Унгарија се согласила да купи американски природен гас во вредност од стотици милиони долари.
Трамп додаде дека иако Унгарија се соочува со уникатни логистички предизвици, вклучително и пристап до море, тој е многу вознемирен од другите европски земји зашто продолжуваат да купуваат руски стоки. Орбан ги бранеше своите енергетски врски со Русија, велејќи дека цевководите не се ниту идеолошки, ниту политички, туку физичка реалност, зашто Унгарија нема пристаништа.
Тој ја користи големата зависност на Унгарија од руските енергенси како средство за одржување на добрите односи со Москва, како и платформа врз која се надева дека ќе победи на изборите во Унгарија во април, ветувајќи им на гласачите „евтина руска енергија“.
Трамп и Орбан разговараа и за војната во Украина и за можноста за разговори со Путин.
„Орбан го разбира Путин и го познава многу добро. Мислам дека Виктор чувствува дека ќе ја завршиме таа војна во не толку далечна иднина“, рече Трамп.



