Доналд Трамп објави дека ги одложил нападите врз иранските електрани по „продуктивни разговори“ помеѓу САД и Иран за завршување на конфликтот на Блиски Исток. Тој вчера се закани со целосно уништување на иранските електрани ако Иран не го отвори Ормускиот Теснец во рок од 48 часа. Овој ултиматум требаше да истече вечерва после полноќ.
Тој кажа дека ги одложува нападите врз иранската енергетска инфраструктура за пет дена.
„Со задоволство можам да објавам дека САД и Иран во изминатите два дена имаа многу добри и продуктивни разговори за целосно решавање на конфликтот на Блиски Исток. Врз основа на тонот на овие длабоки, детални и конструктивни разговори, што ќе продолжат во текот на неделата, му наложив на министерот за одбрана да ги одложи сите воени напади врз иранските електрани и енергетска инфраструктура за период од пет дена“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Иранската новинска агенција „Фарс“, поврзана со Иранската револуционерна гарда, цитираше извор кој го демантираше Трамп и кажа дека немало никакви директни и индиректни разговори помеѓу САД и Иран.
Доколку Трамп ги оствареше своите закани, тоа ќе значеше голема ескалација на војната, особено што и Иран се закани дека во тој случај целосно ќе го затвори Ормускиот Теснец и ќе ги гаѓа системите за струја и вода во соседните земји.



