Доналд Трамп ги повлече САД од 66 меѓународни организации и групи, вклучувајќи многу кои се борат против климатските промени. Речиси половина од групите од кои се повлекоа САД се тела на Обединетите нации, меѓу кои и Рамковната конвенција за климатски промени и Меѓувладиниот панел за климатски промени.
Белата куќа кажа дека ваква одлука била донесена зашто овие организации веќе не служеле на американските интереси и промовирале „неделотворни или непријателски агенди“.
„Анализите покажаа дека тоа беше залудно трошење пари на даночните обврзници. Многу од организациите промовираат радикални климатски политики, глобално управување и идеолошки програми кои се во спротивност со суверенитетот и економската сила на САД“, соопшти Белата куќа.
Трамп веќе им ги одзеде средствата на многу мултилатерални организации што не ги сака, а претходно го отфрли научниот консензус за климатските промени предизвикани од човекот како измама.
Другите организации на ОН засегнати со одлуката се оние што работат на мир и демократија, планирање семејство, здравје на мајки и деца и сексуално насилство во конфликти.



