Претседателот на Америка Доналд Трамп рече дека ќе стави крај на, како што го нарече, „смешниот“ притисок од ерата на Бајден за постепено укинување на пластиката за еднократна употреба во федералните агенции до 2035, во напорите за борба против загадувањето со пластика. Во објава на социјалните мрежи Трамп рече дека хартиените сламки кои се популарна алтернатива, „не функционираат“.
Трамп вети дека извршната наредба ќе дојде следната недела, додавајќи: „ВРАЌАЊЕ НА ПЛАСТИКАТА!“
Поранешниот претседател Џо Бајден минатото лето потпиша извршна наредба за постепено укинување на сите пластични производи за еднократна употреба до 2027 и сакаше да ги елиминира сите пластични производи за еднократна употреба низ американските федерални владини агенции до 2035.
Во 2022 година, Министерството за внатрешни работи, рече дека планира постепено да ги укине сите пластични производи за еднократна употреба на земјиштето управувано од Министерството до 2032, вклучувајќи пластични контејнери за храна и пијалоци, шишиња, сламки, чаши, прибор за јадење и пластични кеси за еднократна употреба.
Во 2020, Трамп го нападна тимот на Бајден за време на предизборен митинг: „Тие сакаат да ги забранат сламките. Дали некој ги пробал тие хартиени сламки? “, рече тој. „Се распаѓаат додека пиете“.
Во 2019 година, Трамп продаде илјадници брендирани пластични сламки на веб-страницата на неговата кампања, нарекувајќи ги алтернатива на „либералните“ хартиени сламки. Сламките, кои се продаваа за 15 долари за 10 пакувања, првично се распродадоа преку Интернет. Сламките беа светло црвени и со ласерски изгравирано презимето на сегашниот претседател.
„Либералните хартиени сламки не функционираат. Бидете со претседателот Трамп и купете ги вашите сламки за рециклирање денес“, пишуваше во рекламата.
Трамп потпиша неколку извршни наредби со климатски и еколошки влијанија откако ја презеде функцијата. Тој им нареди на Соединетите држави повторно да се повлечат од историскиот договор за климата во Париз, чија цел е глобалната соработка за климатските промени и прогласи „национална енергетска вонредна состојба“. Трамп ја отповика наредбата потпишана од Бајден пред неколку години, со цел електричните возила да сочинуваат 50% од новите автомобили кои се продаваат до 2030 и ги повлече сите непотрошени владини пари за станици за полнење на електрични возила.
Пластичните сламки се толкуваат како еден од најголемите придонесувачи за пластичниот отпад во океаните и крајбрежните зони во светот. Повеќето пластични сламки не можат да се рециклираат бидејќи материјалот од кој се направени нема друга практична употреба и не се биоразградливи, што значи дека не можат да се разложат од бактерии или други природни разградувачи. Бидејќи никогаш не се распаѓаат целосно, сламките имаат тенденција да се пробиваат во сè помали честички кои ослободуваат хемикалии во почвата, воздухот и водата што можат да им наштетат на животните, растенијата и животната средина. Се проценува дека дури 70% од морските птици и 30% од желките проголтале некој вид пластика од океанот во текот на нивниот живот.