Доналд Трамп го нападна јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса во Белата куќа, тврдејќи дека во неговата земја се случува „бел геноцид“.
Јужна Африка ги отфрли обвинувањата дека белите луѓе се несразмерно цел на криминал. Стапката на убиства е висока, но огромно мнозинство жртви се црнци.
По почетниот пријателски муабет, во кој Трамп ги пофали јужноафриканските голфери, а Рамафоса кажа дека сака да разговараат за критични минерали и трговија, Трамп пушти видео кое наводно покажува докази за геноцид на белците во Јужна Африка. Трамп кажа дека видеото прикажува гробови на илјадници бели фармери, на што Рамафоса возврати дека не ја видел снимката досега и дека би сакал да знае каде е снимена.
Трамп потоа му извади печатени написи за кои рече дека покажуваат убиени бели Јужноафриканци. Откако Рамафоса му кажа дека има криминал во Јужна Африка, но дека мнозинството жртви се црнци, Трамп му одговори: „Фармерите не се црнци“.
Во изминатите месеци, Трамп ги критикуваше реформата на законите за земјиште, чија цел е да се исправат неправдите на апартхејдот и судскиот случај за геноцид против Израел што го покрена Јужна Африка. Тој притоа ја откажа помошта за Јужна Африка, го избрка нејзиниот амбасадор во САД и им понуди бегалски статус на припадниците на белото малцинство Африканери, заснован врз неоснованите тврдења за дискриминација.
Трамп ја обвини Јужна Африка дека запленила земја од бели фармери и дека поттикнува насилство врз белците, што властите го негираа.