Најбогатиот човек на светот Илон Маск и официјално доби функција во новата администрација на Доналд Трамп. Како што и се најавуваше, шефот на „Тесла“ ќе го води новоформираниот оддел за владина ефикасност, чија задача ќе биде да создаде поефикасна влада.
Маск ќе го води одделот заедно со поранешниот републикански кандидат за претседател Вивек Рамасвами и Трамп навести дека ова тело ќе работи надвор од границите на владата. Трамп сака да направи ревизија на целокупната администрација во земјата, која ја смета за сопирачка за напредокот на Америка.
„Маск и Рамасвами ќе го отворат патот за мојата администрација да ја разбие владината бирократија, да го намали вишокот регулативи, да ги намали расипничките трошоци и да ги преструктурира федералните агенции. Новиот оддел ќе ги оствари долгогодишните републикански соништа и ќе обезбеди совети и насоки надвор од владата“, кажа Трамп, сигнализирајќи дека улогите на Маск и Рамасвами ќе бидат неформални и за нив нема да се бара одобрување од Сенатот.
Ова ќе му овозможи на Маск да остане на чело на „Тесла“, „Икс“ и „СпејсЕкс“.
Одделот ќе работи до 4 јули 2026, кога се одбележуваат 250 години од потпишувањето на Декларацијата за независност.
Маск јавно го поддржа Трамп по обидот за атентат врз него во Пенсилванија и потоа активно се вклучи во неговата кампања и се појавуваше на митинзи. Се проценува дека Маск вложил 200 милиони долари за да го помогне изборот на Трамп.