ТРАМП ГО ПРАЌА ВИТКОФ ВО БЕРЛИН НА СРЕДБА СО ЗЕЛЕНСКИ И ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ, ЦЕЛТА Е МИРОВЕН ДОГОВОР ДО БОЖИЌ

    ТРАМП ГО ПРАЌА ВИТКОФ ВО БЕРЛИН НА СРЕДБА СО ЗЕЛЕНСКИ И ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ, ЦЕЛТА Е МИРОВЕН ДОГОВОР ДО БОЖИЌВиткоф, кој ги предводи обидите на Белата куќа за посредување меѓу Украина и Русија, во Берлин ќе ја разгледа најновата верзија на предложениот мировен договор. (Фото: Стејт Департмент)

    Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, викендов ќе отпатува за Германија на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери, како дел од новата рунда разговори на високо ниво за завршување на војната.

    Виткоф, кој ги предводи обидите на Белата куќа за посредување меѓу Украина и Русија, во Берлин ќе ја разгледа најновата верзија на предложениот мировен договор. Администрацијата на Трамп притиска договорот да биде постигнат до Божиќ и веќе одржа неколку рунди разговори со украински и руски претставници, иако засега нема знаци дека е можен брз пробив.

    Иако сè уште не е официјално потврдено кои европски лидери ќе присуствуваат на разговорите, „Волстрит џурнал“ објави дека на средбата ќе учествуваат британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

    Потврдата за средбата меѓу Виткоф и Зеленски следува откако Украина им ја предаде на САД ревидираната верзија на мировниот план од 20 точки. Најтешкото прашање во преговорите останува судбината на териториите во источна Украина. Киев одбива да отстапи територија која е нелегално окупирана, додека Москва повторува дека има намера со сила да го преземе целиот регион Донбас доколку Украина не се повлече.

    Зеленски реагираше скептично на најновиот предлог на Белата куќа за решавање на територијалното прашање, кој предвидува повлекување на украинската војска од регионот и негово претворање во „специјална економска зона“. Според условите предложени од САД, Кремљ би се обврзал да не напредува во областите што ќе ги напуштат украинските сили, а земјата меѓу деловите на Донбас под руска контрола и украинските одбранбени линии практично би станала демилитаризирана зона.

    „Што ќе ја спречи Русија да напредува? Или да се инфилтрира маскирана како цивили?“, праша Зеленски, јавно доведувајќи го во прашање предлогот.

    Иако Украина и сојузниците во Европа јавно велат дека разговорите предводени од САД се плодни, има знаци дека Трамп го губи трпението. Во интервју за „Политико“ оваа недела, американскиот претседател ги нарече европските лидери „слаби“ и повторно повика на избори во Украина. Зеленски рече дека избори може да се одржат во рок од 90 дена доколку САД и Европа ја обезбедат потребната безбедност, со оглед на тоа што изборите се суспендирани поради воената состојба од февруари 2022 година.

    Во меѓувреме, владите на ЕУ се договорија на неодредено време да замрзнат околу 210 милијарди евра руски средства што се чуваат во Европа. Се очекува овој договор да го отвори патот средствата да ѝ бидат позајмени на Украина доколку се постигне договор на самитот на ЕУ следната недела, обезбедувајќи му на Киев финансиска помош за војската и за обновата. Кремљ го осуди овој потег како кражба, а руската централна банка најави дека ќе ја тужи „Еуроклир“, белгиската банка каде што се чуваат најголемиот дел од замрзнатите руски средства.

    Најновата верзија на мировниот план што циркулира предвидува и брз влез на Украина во Европската Унија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира