Доналд Трамп му се заканил на Ким Џонг-Ун дека ќе ја доживее судбината на Муамер Гадафи, доколку не постигне договор за своето нуклеарно оружје.
Американскиот претседател го кажа ова во Белата куќа кога бил запрашан за изјавата на неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон дека врз Северна Кореја би можел да се примени „либиски модел“.
Станува збор за договорот со Гадафи од декември 2003 година, кога тој бил принуден да ја предаде целата своја програма за развој на нуклеарно оружје, што предвидуваше и транспорт на ураниумските центрифуги во САД.
Сепак, излезе дека Трамп не бил запознат со овој договор, па го протолкува „либискиот модел“ како воената интервенција на НАТО во 2011 година, која доведе до пад и егзекуција на Гадафи.
„Тој модел, тоа беше целосно уништување. Ние отидовме таму за да го победиме. Таков модел би можел да се примени и врз Северна Кореја, ако не постигнеме договор. Но, ако успееме, Ким Џонг-Ун ќе биде многу, многу среќен. Тој и натаму би ја водел земјата, а таа би била многу богата. Мислам дека ќе го одржиме тој состанок и мислам дека ќе имаме добри односи“, кажа Трамп.
Ким пред неколку дена се закани дека ќе ја откаже средбата со Трамп, закажана за 12 јуни во Сингапур, бидејќи „не прифаќал еднострани уцени да се откаже од целото свое нуклеарно оружје“.