ТРАМП ГО РАЗГЛЕДУВА НОВИОТ МИРОВЕН ПРЕДЛОГ ОД ТЕХЕРАН, НО ВЕЛИ ДЕКА ИРАН СÈ УШТЕ НЕ ПЛАТИЛ ДОВОЛНО ВИСОКА ЦЕНА

    ТРАМП ГО РАЗГЛЕДУВА НОВИОТ МИРОВЕН ПРЕДЛОГ ОД ТЕХЕРАН, НО ВЕЛИ ДЕКА ИРАН СÈ УШТЕ НЕ ПЛАТИЛ ДОВОЛНО ВИСОКА ЦЕНАТрамп во Флорида изјави дека новата воена акција против Иран е сè уште опција доколку земјата направи нешто лошо. (Фото: Икс)

    Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го разгледа новиот мировен предлог од Техеран, но изрази сериозен сомнеж за неговите изгледи бидејќи смета дека Иран сè уште не платил „доволно голема цена“. Според иранските медиуми блиски до Револуционерната гарда, Техеран испратил нов предлог од 14 точки до САД преку Пакистан.

    Трамп вели дека очекува да го добие точниот текст на документот, но на социјалните мрежи веќе напиша дека му е тешко да замисли оти понудата ќе биде прифатлива. Тој смета дека Иран не платил доволно за своите постапки кон човештвото и светот во изминатите 47 години. Ова доаѓа откако американскиот претседател веќе одби еден ирански предлог претходно неделава.

    Војната што ја започнаа САД и Израел кон крајот на февруари во моментов е во фаза на прекин на огнот кој е во сила од 8 април. Досега е одржан еден неуспешен круг преговори во Пакистан. Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека одлуката сега е кај САД – дали ќе го изберат патот на дипломатијата или ќе продолжат со конфронтација.

    Вашингтон цврсто стои на ставот дека нема да ја прекине војната без договор кој ќе гарантира дека Иран нема да развие нуклеарно оружје. Од друга страна, Техеран тврди дека нуклеарната програма е исклучиво за мирнодопски цели. Најновиот ирански предлог, според медиумите, бара повлекување на американската војска од регионот околу Иран, укинување на блокадата на Ормускиот Теснец, одмрзнување на иранските средства, исплата на отштета и укинување на сите санкции. Исто така, Техеран бара крај на војната на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан.

    Додека се чека на официјалниот одговор, САД ги предупредија бродските компании дека ќе се соочат со санкции доколку му плаќаат на Иран за безбеден премин низ Ормускиот Теснец. Овој поморски премин е под контрола на Иран од почетокот на војната, што предизвика сериозни проблеми во снабдувањето со нафта и гас, по што цените на енергенсите пораснаа за 50 отсто. САД одговорија со поморска блокада на иранските пристаништа за да ги сопрат приходите на Техеран од нафта.

    Трамп во Флорида изјави дека новата воена акција против Иран е сè уште опција доколку земјата направи нешто лошо. Министерството за финансии на САД предупреди дека се забранети секакви плаќања кон Иран, вклучувајќи дигитални средства, стоковна размена или донации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира