Доналд Трамп предложи САД да бидат 50-процентни сопственици на ТикТок откако популарната апликација повторно им стана достапна на американските корисници по 12-часовна блокада.
ТикТок ги згасна своите услуги во САД откако Врховниот суд во петокот го поддржа законот за негова забрана, но синоќа повторно стана достапен по ветувањето на Трамп дека ќе го обнови пристапот до апликацијата по враќањето во Белата куќа.
„Да бидеме искрени, немаме избор. Мора да го спасиме“, кажа Трамп.
ТикТок, кој е во сопственост на кинеската компанија „Бајтденс“, му се заблагодари на Трамп.
„Му благодариме на претседателот Трамп што им ги даде потребните гаранции на нашите даватели на услуги дека нема да се соочат со никакви казни во врска со ТикТик. Ќе работиме со претседателот Трамп на долгорочно решение што ќе го задржи ТикТок во Америка“, соопшти ТикТок.
Трамп најави дека ќе го одложи стапувањето во сила на законот за забрана на ТикТок.
„Би сакал САД да имаат 50-процентна сопственост во ова заедничко вложување“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Спасувањето на ТикТок претставува пресврт во ставот на Трамп во однос на неговиот прв мандат. Во 2020, тој сакаше да ја забрани апликацијата поради загриженоста дека компанијата ги споделува личните информации на Американците со кинеската влада. Во поново време, Трамп рече дека „има топла точка во неговото срце за ТикТок“, зашто апликацијата му помогнала да ги придобие младите гласачи на последните претседателски избори.