Администрацијата на Доналд Трамп ги известила Конгресот и Обединетите нации дека САД и формално се повлекуваат од Светската здравствена организација, што следува по драматичното зголемување на бројот на заразени со коронавирус низ земјата.
„Конгресот прими известување дека претседателот Трамп и официјално ги повлекол САД од Светската здравствена организација. Ова нема да ги заштити животите или интересите на Американците, туку ја остава Америка сама и болна“, напиша сенаторот Роберт Менендес на Твитер.
Официјално лице од Стејт департментот исто така потврди дека известување за повлекувањето, кое стапува на сила на 6 јули 2021, било испратено до генералниот секретар на ОН.
Трамп во април објави дека САД ќе престанат да уплаќаат средства во буџетот на СЗО, а следниот месец најави и повлекување од членството, тврдејќи дека Кина има целосна контрола врз неа и дека таа не успеала да се справи со коронавирусот.