ТРАМП ИМ РЕКОЛ НА ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ДЕКА САД СЕ СПРЕМНИ ДА ДАДАТ НЕКАКВИ БЕЗБЕДНОСНИ ГАРАНЦИИ ЗА УКРАИНА

    ТРАМП ИМ РЕКОЛ НА ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ДЕКА САД СЕ СПРЕМНИ ДА ДАДАТ НЕКАКВИ БЕЗБЕДНОСНИ ГАРАНЦИИ ЗА УКРАИНАСредбата во Берлин беше последниот обид на Европа да го убеди Трамп да ја има предвид украинската и европската безбедност на самитот со Путин (Фото: АП)

    Европските лидери остануваат претпазливо оптимистични по вчерашната виртуелна средба со Доналд Трамп, што се одржа два дена пред неговиот самит со Владимир Путин на Алјаска. Трамп наводно им рекол дека неговата цел на самитот е да постигне прекин на огнот помеѓу Русија и Украина, а според Емануел Макрон, тој се согласил дека безбедносни гаранции за Украина мора да бидат дел од договорот и дека Володимир Зеленски мора да биде вклучен во разговорите за територија.

    Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс разговарале со лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Финска и Полска, Урсула фон дер Лајен и шефот на НАТО, Марк Руте. Трамп притоа ѝ се закани на Русија со сериозни последици ако Путин не сака да ја заврши војната.

    Три извора изјавиле за сајтот „Политико“ дека ако се договори прекин на огнот, САД се подготвени да играат некаква улога во обезбедувањето гаранции за Киев за одвраќање на идна руска агресија. Трамп притоа инсистирал овие напори да не бидат дел од НАТО.

    Трамп не прецизираше што мисли под безбедносни гаранции и само разговараше за поширокиот концепт. Тој призна дека американската безбедносна гаранција мора да биде дел од конечното решение и ги гледа САД како играат улога во тоа“, рече еден британски дипломат.

    Зеленски денеска ќе разговара со британскиот премиер Кир Стармер во Лондон, 24 часа пред самитот Трамп-Путин. Европа не е поканета на овој самит и вчерашната средба беше нејзиниот последен обид да го убеди Трамп да ја има предвид украинската и европската безбедност. Трамп кажа дека состанокот поминал многу добро и најави дека по самитот на Алјаска многу брзо би можел да следи уште еден, овојпат и со Зеленски.

    За Европа е најважно да го убеди Трамп дека на Путин не може да му се верува“, кажа полскиот премиер Доналд Туск.

    Пред вчерашната средба во Берлин, Русија го повтори својот став дека прекин на огнот може да има само ако Украина се откаже од четирите региони што Путин незаконски ги анектираше, Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон и дека мора да има гаранции дека Украина нема да стане членка на НАТО. Русија моментално контролира околу 19% од Украина, вклучувајќи го Крим. Зеленски смета дека отстапувањето на Донбас на Русија ќе биде само отскочна штица за идна нова офанзива.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира