Доналд Трамп објави дека ѝ дозволил на ЦИА да спроведуваат тајни операции во Венецуела, предизвикувајќи осуда од јужноамериканските лидери. Американските сили досега имаат извршено најмалку пет напади врз пловила кои наводно превезувале дрога во Карибите, при што загинале 27 луѓе.
Зборувајќи во Белата куќа, Трамп кажа дека САД би можеле да делуваат и на копното и размислуваат за нови напади врз наркокартели во регионот. Николас Мадуро, чија победа на ланските претседателски избори во Венецуела беше оспорена од голем дел од светот, повика на мир со САД.
„Не за промена на режимот, што толку потсетува на бескрајните неуспешни војни во Авганистан, Ирак, Либија и така натаму. Не за државни удари оркестрирани од ЦИА. Сакам да им порачам на САД, не за војна, да за мир“, кажа Мадуро.
Засиленото американско воено присуство во регионот ги зголеми стравувањата во Венецуела дека се спрема напад. Според „Њујорк тајмс“, одобрението на Трамп ќе ѝ дозволи на ЦИА да спроведува операции во Венецуела сама или како дел од поширока американска акција. ЦИА има долга историја на активности во Јужна Америка.
„Ја овластив ЦИА од две причини. Како прво, Венецуела ги наполни затворите во САД, а другата работа е дрогата. Имаме многу дрога која доаѓа од Венецуела и голем дел од неа доаѓа преку море, но ќе ја запреме и на копно“, рече Трамп.
Венецуела игра релативно мала улога во трговијата со дрога во регионот. Трамп не сакаше да каже дали целта на ЦИА е соборувањето на Мадуро, за кого САД распишаа награда од 50 милиони долари.
Мадуро кажа дека наредил воени вежби и дека мобилизирал воени, полициски и цивилни сили за одбрана на земјата.