Доналд Трамп кажа дека ќе биде урната целата структура на Источното крило на Белата куќа за да се направи место за нова балска сала, која ќе чини 250 милиони долари. Крилото е изградено во 1902 и последен пат било модифицирано во 1942 година.
Екипите почнаа да го уриваат во понеделникот и до викендот ќе биде целосно урнато, изјавија двајца функционери од владата.
Ова е значително проширување на градежниот проект објавен летово. Трамп првично кажа дека додавањето на балската сала нема да влијае врз сегашната зграда. Тој ги отфрли обвинувањата дека не бил доволно транспарентен околу обемот на работите.
Белата куќа се смета за посебна зграда која не подлежи на Законот за зачувување на историските добра од 1966, кој вообичаено бара јавни анализи на проекти. Источно крило е дел од Белата куќа каде што се сместени канцеларии на првата дама и друг персонал и се одржуваат состаноци и специјални настани.
Трамп рече дека зградата претрпела неколку промени низ годините и дека денес е многу променета од она што била првично.
„Изградбата е целосно финансирана од мене и од некои мои пријатели-донатори“, кажа Трамп.