Северна Кореја го критикуваше планот на Доналд Трамп за изградба на футуристичкиот противракетен штит „Златна купола“, велејќи дека тоа би можело да ја претвори вселената во нуклеарно бојно поле.
Системот што Трамп планира да го доврши до крајот на својот мандат ќе ја штити Америка од воздушни закани од следната генерација, вклучувајќи балистички и крстосувачки проектили. Министерството за одбрана на Северна Кореја го осуди планот како „врв на самобендисаност и ароганција“, пренесоа тамошните државни медиуми.
„Вашингтон сака да ја милитаризира вселената. Ова би можело да поттикне глобална трка во нуклеарно и вселенско вооружување“, кажа Пјонгјанг.
Според корејскиот воен аналитичар Хонг Мин, Северна Кореја го гледа штитот како закана што значително би го ослабнал нејзиниот нуклеарен арсенал.
„Ако САД го довршат системот, Северна Кореја ќе биде принудена да развива алтернативни начини за негово спротивставување или пробивање“, кажа Мин.
Во 2022, Северна Кореја усвои закон со кој се прогласи за нуклеарна држава и во изминатите години изведе тестирања на разни балистички и крстосувачки проектили. Покрај Северна Кореја, и Кина го критикуваше американскиот план.
Се проценува дека штитот ќе чини најмалку 175 милијарди долари. Системот е делумно инспириран од израелската „Железна купола“, што земјата ја користи од 2011 за да пресретнува проектили и ракети. Сепак, „Златната купола“ ќе биде многу поголема и дизајнирана да се бори против широк спектар на закани, како хиперсонични проектили и системи за орбитално бомбардирање.