Доналд Трамп го даде досега најдиректното навестување дека повторно ќе се кандидира за претседател на САД во 2024. Зборувајќи на митингот во Ајова, Трамп кажа дека „многу, многу, многу веројатно повторно ќе го направи тоа“.
Покрај Трамп, и актуелниот претседател Џо Бајден патува низ земјата за да лобира за гласови за претстојните избори за Конгресот и гувернери. Иако Бајден и Трамп нема да бидат на гласачките ливчиња, овие избори ќе ја обликуваат политичката сцена во САД во пресрет на следните претседателски избори.
Трамп продолжи да ги повторува своите неосновани тврдења за изборна измама пред две години, кога изгуби од Бајден.
„Двапати се кандидирав и двапати победив. И вториот пат бев многу подобар отколку првиот, освојувајќи милиони гласови повеќе во 2020. Освоив повеќе гласови од кој било актуелен претседател во историјата на земјата. И сега, за да ја направам земјата успешна, безбедна и величествена, многу, многу, многу веројатно повторно ќе се кандидирам. Многу наскоро, бидете подготвени“, кажа Трамп.
Пред две години, Трамп освои 72 милиони гласови, што навистина е рекорд за актуелен претседател, но Бајден собра 81 милион.
Трамп со месеци навестуваше дека би можел да се кандидира по третпат, но веројатно ќе има и други предизвикувачи во партијата.