Доналд Трамп изјави дека САД извеле напад врз пловило кое превезувало дрога во Јужни Кариби, при што се убиени 11 „наркотерористи“. Тој додаде дека американската војска нападнала членови на венецуелската банда Трен де Арагва.
„Пловилото било во меѓународните води и превезувало илегални наркотици наменети за САД. Американските сили уништија брод со многу дрога во близина на Венецуела. Како резултат на нападот убиени се 11 наркотерористи“, кажа Трамп.
Тој притоа објави видео на кое се гледа моторен чамец како брзо се движи по немирните води, пред да се запали. Венецуелскиот министер за комуникации Фреди Нуњес кажа дека видеото е направено со вештачка интелигенција.
Ова следува откако беше забележано зголемување на американското воено присуство во Јужни Кариби, за што не беше дадено официјално објаснување. Некои аналитичари сметаат дека станува збор за политички и воен притисок врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро, за кого САД распишаа награда од 50 милиони долари, обвинувајќи го за шверц на дрога. Мадуро вети дека ќе се бори против секаков обид за американска воена интервенција.
Откако се врати во Белата куќа во јануари, владата на Трамп прогласи неколку организации за трговија со дрога и криминални групи во Мексико и други држави во Латинска Америка за терористички организации. Меѓу нив е и Картелот на сонцето од Венецуела, за кој американските власти тврдат дека е предводена од Мадуро и други високи владини претставници.