Доналд Трамп не даде директен одговор на прашањето дали сака Украина да победи во војната со Русија, подгревајќи ги грижите дека неговата влада би можела да ја укине воената поддршка за Киев.
Запрашан за време на ТВ-дебатата со Камала Харис дали сака Украина да ја добие војната, Трамп не одговори на прашањето, туку кажа:
„Сакам војната да запре. Милиони луѓе се убиени“.
Тој потоа најави дека ако биде избран за претседател, ќе постигне договор за крај на војната уште пред да се врати во Белата куќа, додавајќи дека САД се поигруваат со трета светска војна.
„Да беше Трамп претседател кога почна руската инвазија, Путин сега ќе седеше во Киев со поглед кон остатокот на Европа. Во такво сценарио Путин ќе тргнеше на Полска“, му возврати Харис.
Советниците на Трамп веќе навестија дека работат на мировен план што Украина ќе биде принудена да го прифати пред тој да ја преземе власта во јануари. Според Харис, мировниот план на Трамп не е ништо друго освен капитулација пред Москва.
Последните анкети велат дека мнозинството гласачи на двете партии ја поддржуваат Украина.