Доналд Трамп кажа дека откажал втор бран напади на Венецуела зашто властите покажуваат соработка. Ова следува откако Венецуела денеска ослободи неодреден број политички затвореници, што, според Трамп, е знак дека сака мир по неодамнешната американска воена акција во која беше заробен претседателот Николас Мадуро.
„Тоа е многу важен и паметен гест. САД и Венецуела добро соработуваат во поглед на обновата на нејзината нафтена и гасна инфраструктура во многу поголема, подобра и помодерна форма. Поради оваа соработка, го откажав претходно очекуваниот втор бран напади, кој изгледа дека нема да биде потребен, но сите бродови ќе останат на позиција од безбедносни причини“, кажа Трамп.
Тој најави дека лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо ќе дојде во Вашингтон следната недела, иако претходно кажа дека „таа нема поддршка, ниту почит во својата земја“.
Трамп кажа дека денеска ќе се сретне со извршните директори на американските нафтени компании, повторувајќи дека тие ќе вложат најмалку 100 милијарди долари во Венецуела.



