Доналд Трамп, кој сѐ уште заздравува од ковид-19, најави дека утре би можел да организира митинг во Флорида, додека продолжува да ги игнорира прашањата дали досега имал негативен тест.
„Мислам дека ќе се обидеме да организираме митинг во Флорида в сабота навечер, ако имаме време. Но, сакаме да направиме митинг во Флорида, а следната вечер и во Пенсилванија“, изјави Трамп.
Во интервјуто за „Фокс“, тој кажа дека повторно ќе се тестира наскоро.
„Се вратив затоа што јас сум совршен физички примерок. Сѐ уште земам стероиди и ќе се тестирам наскоро“.
Лекарот на Белата куќа Шон Конли изјави дека Трамп го завршил лекувањето од ковид-19 и дека може да им се врати на своите јавни обврски овој викенд.
„Претседателот реагираше екстремно добро на лековите и останува стабилно. Тој веќе нема симптоми. Сабота ќе биде десеттиот ден од неговата дијагноза и предвидуваме дека ќе биде безбедно да се врати во јавниот живот“, кажа Конли.
Трамп вчера објави дека нема да учествува во следната ТВ-дебата со Џо Бајден откако беше одлучено да биде виртуелна. Таа треба да се одржи на 15 октомври, а третата и последна на 22 октомври.