Доналд Трамп го повика Иран да склучи договор пред да биде предоцна откако потврди дека американските сили нападнале голем мост во Караџ, град близу Техеран. Иранските власти кажаа дека во овој напад загинале две лица.
„Најголемиот мост во Иран се урива, никогаш повеќе нема да се користи. Ќе следува уште многу повеќе. Време е Иран да склучи договор пред да биде предоцна и да не остане ништо од она што се уште може да биде голема држава“, кажа Трамп.
Израелските одбранбени сили претходно објавија дека немаат информации за овој напад.
Мостот „Б1“ е еден од највисоките мостови на Блискиот Исток и претставува клучна врска меѓу Караџ и Техеран. Тој бил погоден во два брана напади, во растојание од еден час. Иранските медиуми го опишуваат како инженерско ремек-дело.



