САД повторно ќе ја напуштат агенцијата за култура и образование УНЕСКО, изјавија двајца европски дипломати, додека Доналд Трамп продолжува да ја повлекува земјата од институции што долго време ги критикува.
„Претседателот Трамп одлучи да ги повлече САД од УНЕСКО, која поддржува воук и културни и социјални каузи кои се целосно спротивни на политиките на здрав разум за кои Американците гласаа во ноември“, изјави заменичка-портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, за „Њујорк пост“.
Трамп донесе вакви одлуки и во својот прв мандат, кога ги повлече САД и од Светската здравствена организација, Советот за човекови права на ОН и од иранскиот нуклеарен договор, што потоа беше укинато од Џо Бајден.
Ова е третпат САД да се повлекуваат од УНЕСКО. Тие не беа дел од агенцијата од 1984 до 2003, а потоа и пет години по првата одлука на Трамп. Вашингтон моментално обезбедува 8% од вкупниот буџет на УНЕСКО.