Доналд Трамп ја смени приказната и призна дека му ги вратил парите на својот адвокат Мајкл Коен, што тој ѝ ги исплатил на порноактерката Сторми Даниелс за да молчи за наводна секс-афера со него.
Ова е спротивно на неговите досегашни тврдења дека не знаел ништо за исплатата на 130.000 долари што Даниелс ги добила во пресрет на изборите во 2016 година, но останува на изјавата дека немал ништо со неа.
Претседателот на САД на овој начин ги потврди зборовите на својот нов правен советник Руди Џулијани дека на Коен му биле вратени парите.
Според Трамп, во оваа исплата нема ништо нелегално, бидејќи не биле користени парите од неговата кампања.
„На господинот Коен му беа вратени парите, но тоа не беа пари од кампањата. Ова нема никаква врска со кампањата, тоа беше приватен договор помеѓу две страни, познат како премолчен договор. Такви договори се нормални помеѓу јавни личности и богати луѓе. Договорот имаше за цел да спречи лажни и изнудувачки обвинувања дека сум имал афера со Даниелс, и покрај тоа што веќе имавме потпишано писмо во коешто се признава дека немало афера. Пред таа и нејзиниот адвокат да ја прекршат, тоа беше приватна спогодба. Пари од кампањата не беа употребени во оваа трансакција“, кажа Трамп во серија твитови.
Даниелс претходно призна дека имала афера со Трамп во 2006 година, при што само еднаш имале секс.