Доналд Трамп прогласи „нов американски момент“ во својот прв говор за состојбата на нацијата во Конгресот, откако пред една година стана американски претседател.
Во 80-минутниот говор што го следеле 40 милиони луѓе, тој им понуди рака на демократите за да работат заедно на најважните прашања за САД.
„Вечерва ги повикувам сите да ги оставиме разликите настрана и да се обидеме да најдеме заеднички јазик“, кажа Трамп, додека демократите мирно и без реакции го слушаа неговото обраќање.
„Американската економија цути. Никогаш немало подобар момент да почне да се живее американскиот сон. Откако станав претседател, креиравме 2,4 милиони нови работни места, а стапката на невработеност е најниска во последните 17 години. Мојата администрација гради сигурна, силна и горда Америка. Нашата нација мора да биде како еден тим, еден народ, едно американско семејство“, кажа Трамп, при што најави попуштање во својата имиграциска политика.
„Сакам со членовите на двете партии да работиме на заштитата на сите наши граѓани“, изјави Трамп, додавајќи дека не се откажува од идејата за изградба на ѕид на мексиканската граница.
Тој објави дека потпишал извршно решение, со кое воениот затвор на кубанскиот остров Гвантанамо Беј и натаму ќе остане отворен, што е спротивно на одлуката на неговиот претходник Барак Обама.
Кажа и дека смета дека САД треба да го обноват својот нуклеарен арсенал, надевајќи се дека никогаш нема да мора да го употреби.