Доналд Трамп се појави со заштитна маска во јавност за првпат од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Тоа се случи при посетата на воената болница „Волтер Рид“ покрај Вашингтон, каде што се сретна со ранети војници и здравствени работници.
„Никогаш не сум бил против маските, но верувам дека за нив има и време и место“, кажа Трамп.
Тој досега изјавуваше дека нема намера да носи маска и го исмеваше својот противкандидат на изборите Џо Бајден што го прави тоа.
„Кога сте во болница и зборувате со многу војници и луѓе, од кои некои тукушто биле оперирани, мислам дека е одлично да носите маска“, рече Трамп.
Кога Американскиот центар за контрола на болести и превенција во април препорача да се носи маска, Трамп децидно кажа дека нема да го следи ова.
Во изминатите 24 часа, во САД се потврдени 66.528 нови случаи на коронавирус, а вкупната бројка починати порасна на 135.000.