Доналд Трамп разгледува опции против Иран, кои вклучуваат напади врз безбедносните сили и лидерите за да поттикне нови демонстрации, кажаа повеќе извори за „Ројтерс“, иако израелски и арапски функционери изјавија дека воздушните удари нема да бидат доволни за да се соборат верските власти. Два американски извора запознати со дискусиите рекоа дека Трамп сака да создаде услови за промена на режимот откако претходно овој месец брутално беа задушени националните протести, при што загинаа илјадници луѓе.
Трамп вчера го предупреди Иран дека времето му истекува и го повика да склучи договор за неговата нуклеарна програма, велејќи дека огромна американска поморска флота брзо се движи кон Иран со „голема моќ, ентузијазам и цел“. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека иранските вооружени сили се подготвени веднаш и силно да одговорат на каква било агресија од копно или море.
„Трамп разгледува опции за удар врз командантите и институциите кои Вашингтон ги смета за одговорни за насилствата, за да им даде инспирација на демонстрантите дека можат да ги освојат владините и безбедносните згради“, рекоа изворите.
Еден од американските извори рече дека опциите за кои дискутираат помошниците на Трамп вклучуваат многу поголем удар кој би имал траен ефект, а друг извор кажа дека Трамп сè уште не донел конечна одлука, вклучително и дали да го избере воениот пат.
Пристигнувањето на американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ и воените бродови за поддршка на Блиски Исток оваа недела ги прошири можностите на Трамп за преземање воена акција, откако тој постојано се закануваше со интервенција поради репресијата на Иран. Трамп вчера го повика Иран да се врати на преговарачка маса, заканувајќи се дека следниот американски напад ќе биде уште посилен од оној во јуни, кога беа бомбардирани ирански нуклеарни постројки.
Висок ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека Иран се подготвува за воена конфронтација, а во исто време ги користи дипломатските канали, но Вашингтон не покажувал отвореност за дипломатија.
Државите од Персискиот Залив, кои се долгогодишни сојузници на САД и дом на големи американски бази, стравуваат дека ќе бидат првите цели на иранска одмазда. Саудиска Арабија, Катар, Оман и Египет лобираа кај Вашингтон против напади врз Иран. Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман му рече на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан дека нема да дозволи саудискиот воздушен простор или територија да се користат за воени дејствија против Иран.



