Доналд Трамп побарал да биде отпуштен од воената болница каде што три дена се лекува од ковид-19, додека неговата портпаролка Кејли Мекенени е последното име од Белата куќа која објави дека имала позитивен тест за коронавирус. Таа е 11. личност од кругот на тесните соработници на Трамп која потврди дека е заразена.
Официјални лица кажаа дека Трамп бил нестрплив да се врати во Белата куќа, зашто престојот во болницата го правел слаб.
„Трамп е подготвен да им се врати на своите работни обврски и е оптимист дека денеска ќе излезе од болница“, изјави шефот на неговиот кабинет Марк Медоус.
Ова следува само еден ден откако лекарите признаа дека состојбата на Трамп била полоша отколку што претходно се претставуваше и дека двапати во изминатите денови му била давана кислородна поддршка. На еден месец до изборите, Трамп сака да покаже сила и покрај болеста, па денеска на кратко се провозе пред болницата за да им отпоздрави на своите приврзаници, што многумина го опишаа како многу неодговорен и ризичен потег.
Во меѓувреме се огласи и првата дама Меланија Трамп, која кажа дека се чувствува добро и дека ќе продолжи да одмора во Белата куќа.