Американскиот претседател Доналд Трамп сака да го купи Гренланд од Данска, објави „Волстрит џурнал“. Според нив, Трамп изразил желба да го купи островот во Северниот Леден Океан, кој е автономна територија во рамките на Кралството Данска, и ги замолил неговите помошници да ја истражат таа можност.
Тој за ова дури побарал став од советник во Белата куќа, но, како што забележува весникот, „неговите истражувања биле со различен степен на сериозност“.
Веста дека Трамп сака да го купи делот од Кралството Данска се прошири на Твитер, по што твитерџиите се обидуваа да ја пресметаат вредноста на островот. И покрај реакциите, оваа желба на Трамп не е неостварлива. Во 1946, американскиот претседател Хари Труман се обидел да го откупи Гренланд од Данска за 100 милиони долари, но предлогот бил отфрлен. Американската војска има голема воздушна база на северозападниот дел на Гренланд.
Трамп следниот месец ќе ја има првата официјална посета на Данска, но посетата на Гренланд не е во агендата.
Од Данската амбасада во Вашингтон не одговориле на барањата за коментар на весникот „Гардијан“.