Американскиот секретар за финансии Стивен Мначин изјави дека владата планира да им праќа пари на граѓаните со цел да се ублажи економската криза предизвикана од коронавирусот.
„Размислуваме веднаш да почнеме да им испраќаме чекови на Американците“, изјави Мначин.
Овие чекови се дел од потенцијалниот пакет од 850 милијарди долари, за кој Белата куќа дискутира со Конгресот.
„Плановите за економско олеснување предвидуваат и финансиска помош за авионски компании и хотели. Владата ќе им овозможи на компаниите и на поединците да го одложат плаќањето данок за 90 дена. Очекуваме овие мерки да добијат поддршка од двете партии“, изјави Мначин.
Ова следува откако ширењето на КОВИД-19 доведе до затворање на училишта, продавници и угостителски објекти низ целата земја, а бројката заразени порасна на 5.200.