Доналд Трамп се опиша себеси како „воен претседател“ и вети дека САД ќе остварат целосна победа над коронавирусот. Тој ги оживеа мерките од времето на Корејската војна, овозможувајќи зголемување на производството на основни медицински материјали.
Во САД досега има повеќе од 9.300 заразени со коронавирусот, вклучувајќи и двајца членови на Конгресот, а починале 150 луѓе.
„Ова е војна. Јас гледам на ситуацијата како да сум воен претседател. Мора сите да се жртвуваме, зашто сме заедно во ова. Ова е невидлив непријател, а тоа секогаш е најтешкиот непријател. Но, ќе го поразиме овој невидлив непријател. Мислам дека ќе успееме и побрзо отколку што мислиме. И тоа ќе биде тотална победа“, изјави Трамп.
Тој објави дека го потпишал Актот за одбрана од 1950 година, со кој може да им нареди на приватни бизниси да произведуваат продукти неопходни за национална безбедност.
„Сепак, ќе се повикам на оваа мерка само во случај на најлошото сценарио во иднина“, рече Трамп.
Тој додаде дека најлошото сценарио вклучува и зголемување на невработеноста на 20%.