Доналд Трамп експресно ја сврте својата кампања против Камала Харис откако Џо Бајден се повлече од изборната трка и ја даде својата полна поддршка на актуелната потпретседателка.
Неколку часа откако стана јасно дека Харис ќе биде најверојатниот противкандидат на Трамп на изборите во ноември, на социјалните мрежи се појавија докази дека семејството Трамп своевремено инвестирало во кариерата на Харис како јавна обвинителка. Демократскиот конгресмен од Флорида Џаред Московиц објави фотографија од чек од 5.000 долари, потпишан од Трамп и адресиран на „јавната обвинителка Камала Д. Харис“ во септември 2011.
„Тоа била мудра инвестиција“, напиша Московиц под фотографијата.
Тоа била една од неколкуте донации од семејството Трамп во времето кога Харис работеше како главен обвинител на Калифорнија. Официјални податоци велат дека ова била најголемата донација, но имало уште две од по 1.000 и 2.000 долари, кои биле уплатени кога Харис ја почнувала кампањата за реизбор на својата функција во 2013.
Трамп подоцна тврдеше дека донирал 5.000 долари на барање на тогашниот јавен обвинител на Њујорк, Ерик Шнајдерман.
Многу поголеми донации Харис почна да собира откако Бајден го објави своето повлекување. Во првите 24 часа откако ја почна својата кампања, за неа биле донирани повеќе од 50 милиони долари.