Доналд Трамп ќе доцни со доаѓањето на Светскиот економски форум во Давос откако неговиот авион морал да се врати назад еден час по полетувањето. Од Белата куќа кажаа дека се појавил „мал електричен проблем“ на претседателскиот авион, поради што тој се вратил во својата база во Мериленд, а Трамп по еден час полетал со друг авион за Швајцарија.
„По полетувањето, екипажот идентификувал мал електричен проблем и од голема претпазливост било одлучено авионот да сврти и да се врати во базата“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.
Новинарите кои биле во авионот кажаа дека светлата во кабината се изгаснале на кратко по полетувањето, за што не било дадено објаснување.
Нејасно е дали доцнењето ќе се одрази врз распоредот на Трамп, кој најави низа состаноци во Давос на тема Гренланд.
Пред патувањето, тој ги повтори своите уверувања дека САД ќе ја преземат контролата врз Гренланд, велејќи дека „нема враќање назад“ и дека „Гренланд е императив“. Запрашан на вчерашната прес-конференција во Белата куќа колку далеку е спремен да оди за да го добие Гренланд, тој кратко одговори „ќе видите“.
„Работите се развиваат многу добро околу Гренланд. САД ќе изработат план за сопственоста на Гренланд со кој НАТО ќе биде многу среќен. Мислам дека ќе се случи нешто што ќе биде многу добро за сите. Гренланд ни е потребен за националната безбедност, па дури и за светската безбедност“, рече Трамп, кој претходно одби да коментира дали би употребил воена сила за да го земе островот.



