ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА РАЗГЛЕДУВА СИЛНИ ВОЕНИ ОПЦИИ ПРОТИВ ИРАН ПО СМРТТА НА СТОТИЦИ ЛУЃЕ НА ПРОТЕСТИТЕ

    ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА РАЗГЛЕДУВА СИЛНИ ВОЕНИ ОПЦИИ ПРОТИВ ИРАН ПО СМРТТА НА СТОТИЦИ ЛУЃЕ НА ПРОТЕСТИТЕПоттикнати од крахот на иранската валута на крајот на декември, протестите прераснаа во отворено незадоволство од иранските власти (Фото: АП)

    Доналд Трамп изјави дека американската војска разгледува многу силни опции против Иран откако стотици луѓе загинаа во тамошните антивладини протести, кои влегоа во третата недела. Активистичката организација ХРАНА со седиште во САД објави дека досега е потврдена смртта на речиси 500 демонстранти и на 48 припадници на безбедносните сили.

    Трамп се закани дека ќе интервенира и кажа дека ирански функционери му се јавиле за да преговараат, но дека САД би можеле да дејствуваат и порано.

    Тој не објасни какви воени опции разгледуваат САД, ниту даде детали за предложените преговори, и покрај тоа што рече дека „се закажува состанок со иранските претставници“. Додаде дека Иран „сака да преговара бидејќи е уморен од тоа да биде победуван од САД“. Американски функционер изјави за Си-Би-Ес дека Трамп бил информиран за опциите за воени напади врз Иран.

    Иранските лидери ги опишаа демонстрантите како вандали и ги повикаа своите поддржувачи да учествуваат во провладини маршеви денеска. Иран прогласи тридневна национална жалост во чест на „мачениците кои беа убиени во националната битка против САД и Израел“.

    Поттикнати од крахот на иранската валута на крајот на декември, протестите прераснаа во отворено незадоволство од иранските власти, на чело со ајатолахот Али Хаменеи. Протестите продолжија и ноќеска, но во помал обем во споредба со изминатите денови, откако властите се заканија дека ќе ги задушат. Според ХРАНА, досега се уапсени најмалку 10.600 луѓе.

    Ова се најголемите протести во Иран од 2022. Хаменеи ги обвини демонстрантите дека сакаат да му угодат на Трамп, а иранскиот јавен обвинител порача дека сите кои протестираат ќе се сметаат за „непријатели на Бога“, за што може да се добие смртна казна. Иранскиот парламент предупреди дека ако САД го нападнат Иран, израелски и американски воени и бродски центри во регионот ќе станат легитимни мети.

    Реза Пахлави, пребегнатиот син на последниот шах на Иран, рече дека протестите ги затресле темелите на иранската влада.

    „Зголемената употреба на огненото оружје против народот не е знак на сила, туку на страв од колапс и забрзан пад“, напиша тој на Икс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира