Доналд Трамп изјави дека САД почнале разговори со кубанските лидери, додека неговата влада го засилува притисокот врз островската држава и ги прекина главните линии за снабдување со нафта. Тој смета дека ќе ја принуди Куба да седне на преговарачка маса откако Венецуела и Мексико ги прекинаа испораките на нафта.
„Куба е нација која пропаѓа и така е долго време. Но, сега ја нема Венецуела за да ја поткрепи. Куба е во лоша состојба и има хуманитарен проблем. Мислам дека ќе успееме да се договориме“, рече Трамп.
По заробувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 3 јануари, Трамп предвиде дека кубанската влада ќе падне многу брзо, што и сега го повтори. Не се јасни неговите намери во однос на Куба, но тој го сврте вниманието кон неа по воената акција во Венецуела.
Трамп не даде никакви детали за тоа какви контакти имала неговата администрација со Куба или кога, туку едноставно рече: „Почнуваме да разговараме со Куба“.
Минатата недела, тој потпиша извршна наредба за воведување царина за сите земји кои продаваат или ја снабдуваат Куба со нафта. Со овој потег изврши притисок врз Мексико, од кое Куба стана зависна за нафта откако Трамп ги запре испораките од Венецуела.
„Не мора да има хуманитарна криза. Мислам дека Куба ќе дојде кај нас и ќе сака да склучи договор. Така повторно би била слободна“, рече Трамп.



