ТРАМП ВОВЕДЕ САНКЦИИ ЗА ХУАВЕИ И ЈА СТАВИ КИНЕСКАТА КОМПАНИЈА НА ЦРНА ЛИСТА

    ТРАМП ВОВЕДЕ САНКЦИИ ЗА ХУАВЕИ И ЈА СТАВИ КИНЕСКАТА КОМПАНИЈА НА ЦРНА ЛИСТАКинеската компанија Хуавеи користи американски делови и технологии во своите телефони. - Доналд Трамп (Фото: АП)

    Американскиот претседател Доналд Трамп им забрани на американските компании да продаваат опрема на странски компании кои можат да бидат закана по националната безбедност, соопшти Белата куќа. На тој начин, администрацијата на Трамп практично забрани продажба на американски делови на Хуавеи, најголемата кинеска телекомуникациска компанија.

    Трамп во средата потпиша извршна наредба со која се забрануваат трансакции кои претставуваат неприфатлив ризик, но во неа не се споменуваат конкретни компании или земји. Сепак, извршната наредба се смета за најсериозен потег на Трамп во борбата против кинескиот технолошки сектор.

    Министерството за трговија истовремено соопшти дека ја ставило компанијата Хуавеи и нејзините подружници на листа со компании кои претставуваат ризик по националната безбедност. На компаниите од листата им се забранува да користат американски делови и технологии без да добијат дозвола од американската влада.

    Американски компании како Квалком, Интел и Бродком му продаваат микрочипови и други специјализирани делови на Хуавеи за производство на телефони и телекомуникациска опрема. Телефоните на Хуавеи користат Андроид, оперативен систем на Гугл, исто така, американска компанија. Ако Хуавеи остане без овие делови и технологии, ќе има тешки последици по милионите корисници на телефоните на Хуавеи.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари