Бројот на загинати Израелци од почетокот на вчерашниот изненадувачки напад на Хамас се ближи кон 600, што вклучува и бројни посетители на транс фестивал во пустината на југот, кој неочекувано се претвори во бојно поле.
Фестивалот НОВА требаше да биде ноќ на прослава на еврејскиот празник Сукот, кога во 6:30 часот почнал ракетен напад од Газа. Половина час подоцна, настанал целосен хаос, откако стотици посетители почнале да бегаат додека милитантите на Хамас пукале кон нив. Зад напаѓачите останале телата на повеќемина журкаџии, а одреден број биле земени како заложници.
„Немавме каде да се сокриеме зашто бевме на отворен простор. Настана голема паника и сите почнаа да бегаат“, изјави Тал Гибли, посетителка на фестивалот, кој се одржуваше неколку километри од границата со Газа.
Додека присутните бегале со автомобили, на патот се создал метеж, по што напаѓачите почнале да пукаат. Видео кое кружи на социјалните мрежи прикажува стотици посетители како бегаат преку празно поле, додека во позадина се слушаат пукотници. На снимката се гледа како некои луѓе паѓаат на земја.
„Видов голем број мртви и ранети од двете страни на патот, но една сцена особено ми се врежа во мислите: еден посетител лежи мртов покрај комбе, а друг на совозачкото место“, изјави Гибли.
На видеата што милитантите ги објавуваа од Газа, луѓето можеа да ги препознаат своите киднапирани роднини. Засега е непознато колку заложници држи Хамас, но експертите сметаат дека Израел тешко ќе може да ги лоцира зашто веројатно се чуваат во подземни скривалишта на организацијата.