Францускиот претседател Емануел Макрон одби да ги повтори обвинувањата на Џо Бајден дека Русија спроведува геноцид во Украина, велејќи дека вербална ескалација нема да помогне да се стави крај на војната.
Бајден денеска првпат ја обвини Русија за геноцид и кажа дека „станува сè појасно и појасно дека Путин сака да ја искорени и самата идеја да се биде Украинец“. За разлика од него, Макрон кажа дека лидерите би требало да бидат внимателни со зборовите.
„Би рекол дека Русија ја почна најбруталната војна, дека е утврдено дека руските војници извршиле воени злосторства и дека е неопходно да се пронајдат оние што се одговорни за нив за да им се суди. Лудило е тоа што се случува и неверојатно брутално“, кажа Макрон.
Тој додаде дека сака да придонесе најмногу што може за да се стави крај на војната, па затоа не треба да се избрзува со обвинувањата.
„Треба да се биде внимателен со терминологијата во оваа ситуација, особено што Русите и Украинците се братски народи“, рече Макрон.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го пофали Бајден за последните изјави, додека се обидува да ги охрабри западните лидери да го користат терминот геноцид за опишување на руската инвазија.