Уште еден, трет американски носач на авиони се ближи кон Блискиот Исток и наскоро ќе влезе во областа на одговорност на Централната команда на американската војска. Таа објави фотографија од носачот „Џорџ Буш“ како плови во Индискиот Океан.
Засега не е познато дали тој ќе им се придружи на веќе присутните бродови во регионот или доаѓа како замена, како што претходно објавија некои американски медиуми.
Централната команда истовремено кажа дека најголемиот носач на авиони на светот „Џералд Форд“ продолжува да делува во Црвеното Море. „Џералд Форд“ се врати на Блискиот Исток во почетокот на овој месец по поправките во Хрватска.
Во регионот прво пристигна носачот на авиони „Абрахам Линколн“, кој моментално е во Арапското Море.
Американската војска од 13 април спроведува блокада на иранските пристаништа и кажа дека досега не им дозволила премин на 33 комерцијални брода.



