Стотици илјади луѓе маршираа по улиците на американските градови во една од најголемите мобилизации на нацијата во борбата за расна еднаквост и социјална правда. Тоа беше 12. ден од протестите иницирани од убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд на 25 мај во Минеаполис и за разлика од првата недела, тие сега поминуваат мирно.
Вашингтон го виде еден од најголемите протести досега, откако на улиците излегоа десетици илјади луѓе, но пристапот до Белата куќа беше блокиран. Голем број луѓе дојдоа да му оддадат почит на Флојд во неговиот роден град во Северна Каролина, поминувајќи покрај ковчегот со неговото тело во баптистичката црква во Ридфорд.
Демонстрантите извикуваа „Тргнете се од нашите вратови“ и „Расизмот е оригиналниот грев на Америка“ додека маршираа низ Харлем, додека градоначалничката на Вашингтон Мјуриел Баусер кажа дека масите му испратија јасна порака на претседателот Трамп.
Во Минеаполис, градот во кој што Флојд беше убиен при приведувањето, демонстрантите побараа од градот да престане да ја финансира полицијата. Градскиот совет во петокот ја изгласа забраната на користење на зафатите врз вратот, откако на Флојд на тој начин му беа нанесени смртоносни повреди.
Масовни маршеви имаше и во Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес и Сан Франциско, но и на други континенти.