ТРИФОНОВ ИЗЛЕЗЕ ОД ВЛАДАТА НА ПЕТКОВ ПОРАДИ МАКЕДОНИЈА

    ТРИФОНОВ ИЗЛЕЗЕ ОД ВЛАДАТА НА ПЕТКОВ ПОРАДИ МАКЕДОНИЈА„Причините поради кои оваа коалиција не функционира и за нас нема место во неа се две: Македонија и фактот дека државата веќе нема пари“, соопшти Трифунов на вонредно обраќање. (Фото: БНЕ)

    Лидерот на бугарската партија Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов, денеска најави дека ја напушта владата на премиерот Кирил Петков поради неговите обиди да постигне компромис со Македонија и поради тоа што „државата нема пари“.

    „Причините поради кои оваа коалиција не функционира и за нас нема место во неа се две: Македонија и фактот дека државата веќе нема пари“, соопшти Трифунов на вонредно обраќање.

    Тој го обвини премиерот Петков дека во однос на спорот со Македонија води друга надворешна политика, различна од таа на парламентот, Министерството за надворешни работи и од политиката декларирана од Консултативниот совет на претседателот Румен Радев.

    Петков предводи влада составена од четири партии во која, покрај ИТН, се и неговата Промената продолжува, Демократска Бугарија и Бугарската социјалистичка партија.

    „Премиерот си има друг министер за надворешни работи, не министерката Теодора Генчовска, туку друг, која се вика Весела Чернева. Кирил Петков им ветил на различни лидери од Европа и светот дека ќе го подигне ветото за Северна Македонија, и покрај тоа што огромен дел од бугарските граѓани сакаат Северна Македонија да започне преговори дури откако ќе го исполни договорот меѓу двете држави потпишан во 2017 година. На тој начин Кирил Петков грубо, без пардон и еднострано го нарушува потпишаниот коалициски договор. Тоа се нарекува национално предавство“, рече Трифонов.

    Во првичната реакција по објавата на Трифонов, премиерот Петков најави дека тој и понатаму ќе предводи „малцинска влада“. Според информациите во бугарските медиуми, тројца министри на ИТН ја напуштиле денешната владина седница, додека четвртиот воопшто не присуствувал.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира