ТРОЈЦА БУГАРИ ОСУДЕНИ ДЕКА ШПИОНИРАЛЕ ЗА РУСИЈА ВО ЛОНДОН

    ТРОЈЦА БУГАРИ ОСУДЕНИ ДЕКА ШПИОНИРАЛЕ ЗА РУСИЈА ВО ЛОНДОНЈан Марсалек, кој бил на чело на шпионскиот синџир е во бегство од 2020 и се верува дека е во Русија (Фото: Гети)

    Тројца Бугари кои живееле во Велика Британија се прогласени за виновни бидејќи биле дел од руски шпионски синџир во режија на бившиот менаџер на германската фирма за финансиски услуги „Вајаркард“, Јан Марсалек, соопшти лондонската полиција. Катрин Иванова, Вања Габерова и Тихомир Иванчев се осудени за шпионажа по тримесечното судење пред Централниот кривичен суд  бидејќи биле пониски членови на шестчлената група, се вели во соопштението на полицијата. Тие биле активни помеѓу август 2020  и февруари 2023 година.

    Шпионскиот синџир го водел Марсалек, меѓународно баран австриски бизнисмен, бегалец за кој се верува дека побегнал во Русија пред пет години, откако германската компанија „Вајаркард“, каде работел, пропадна поради измама од повеќе милијарди евра. Според Обвинителството, членовите на групата вршеле надзор над новинарите, особено на бугарскиот истражувачки новинар Кристо Грозев, кој ги разоткри шпионите одговорни за труењето на Сергеј и Јулија Скрипал. Синџирот шпионирал и украински војници кои се обучуваат во американската воена база во Германија, со цел да ги лоцираат кога ќе се вратат во Украина.

    „Никогаш не сум видел вакво нешто во моите над 20 години во борбата против тероризмот. Тоа беше исклучително софистицирана операција“, изјави началникот за антитероризам на лондонската полиција, командант Доминик Марфи, за агенцијата ПА. „Навистина софистицирани уреди – нешто што би очекувале да го видите во шпионски роман – беа пронајдени овде, во Грејт Јармут и Лондон“, додаде тој.

    Тројцата се изјаснија за невини, велејќи дека не знаеле дека ѝ помагаат на Русија. Иванова беше прогласена за виновна и за поседување лажни пасоши. Тројца други членови на шпионскиот синџир – Орлин Русев, Бизер Џамбазов и Иван Стојанов (32) претходно се изјаснија за виновни.  На шестмината ќе им биде изречена казна во мај.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира