Три лица, вклучувајќи едно дете, загинаа во вчерашното руско бомбардирање на детска болница и породилиште во окружениот град Мариупол, изјави заменик-градоначалникот Серхиј Орлов. Повредени се најмалку 17 луѓе, меѓу кои има и трудници.
„Апсолутно сум сигурен дека тие знаеле што е објектот и ова е третата болница во градот што ја уништуваат“, кажа Орлов.
Тој додаде дека болница со 300 кревети во која се лекувале ковид пациенти била уништена во гранатирањето претходниот ден, заедно со центар за собирање крв.
Светската здравствена организација потврди дека досега биле бомбардирани најмалку 18 здравствени установи низ Украина.
Украинскиот претседател Зеленски го опиша нападот во Мариупол како воено злосторство, додека Русија вели дека во болницата немало пациенти и била претворена во воен објект.