Владата на Доналд Трамп размислува да испрати дополнителни илјадници војници на Блиски Исток, што ќе овозможи нови опции, додека САД планираат проширување на операциите против Иран, изјавија за „Ројтерс“ четири добро информирани извори. Меѓу опциите е обезбедување сигурен премин на танкерите низ Ормускиот Теснец, што би било изведено со поморските и воздушните сили, кажаа изворите.
Американската влада разгледува опции за испраќање копнени трупи на иранскиот остров Карг, од каде што се извезуваат 90% од иранската нафта. САД претходно ги бомбардираа воените објекти на островот, без да ја оштетат енергетската инфраструктура.
„Таква операција би била многу ризична, зашто Иран има можност да го напаѓа островот со проектили и дронови. Во овој момент нема одлука за испраќање копнени трупи, но претседателот Трамп ги држи сите опции на располагање“, рече еден функционер од Белата куќа.
Во досегашниот дел од војната загинаа 13 американски војници, а околу 200 се ранети, најголем дел лесно.
Војната во Иран дополнително ескалираше вчера откако Израел го нападна најголемото гасно поле на светот Јужен Парс, на што Иранците одговорија со напади врз енергетски постројки во Катар, Кувајт, Саудиска Арабија и ОАЕ. Ова придонесе за нов скок на цената на нафтата, која во еден момент изнесуваше 119 долари за барел, пред да падне на над 114 долари.
Во исто време, цената на гасот во Европа порасна за 30% денеска, најмногу од крајот на 2022.



