Црна Гора и Албанија ќе добијат пофалби во новиот извештај за проширувањето на ЕУ, што утре ќе го претстави еврокомесарката Марта Кос, ќе има зборови на охрабрување за Молдавија и Украина, а за Македонија, БиХ и особено Србија нема да има многу ентузијазам, објави сајтот „Политико“, а пренесе „Н1“. Кос ќе го претстави пакетот за проширување како клучна геополитичка алатка со која ЕУ покажува дека одговара на предизвиците ширум Европа.
„Северна Македонија сè уште не ги усвоила потребните уставни измени заради вклучување на Бугарите во Уставот, што земјата се обврза да ги започне и постигне. Северна Македонија треба да ги засили напорите за почитување на владеењето на правото, особено преку заштита на независноста и интегритетот на судството и засилување на борбата против корупцијата“, објави „Радио Слободна Европа“, кој добил увид во годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидати за членство во ЕУ.
Премиерот Христијан Мицкоски отпатува за Брисел пред објавувањето на извештајот.
Според Кос, помошта за земјите на патот кон ЕУ е начин на кој Брисел им се спротивставува на силите кои сакаат да ја дестабилизираат Унијата.
Црногорскиот весник „Побједа“ објави дека во извештајот ќе биде наведено дека Црна Гора остварила најголем напредок во изминатата година, откако ги отворила сите 33 преговарачки поглавја. „Политико“ вели дека целта на Црна Гора е да стане членка на ЕУ во 2027 година и дека во Брисел веќе се спрема договор за нејзино пристапување.
Се очекува извештајот да биде најостар кон Србија, при што Кос го повторила ставот на Урсула фон дер Лајен дека земјата мора да ги удвои своите напори за пристапување кон ЕУ и мора да се откаже двосмислените ставови.

                                    
                                    

