Градоначалничката на Сараево, Бењамина Кариќ, изјави дека градот ќе им обезбеди сместување на сите туристи кои биле измамени кога резервирале сместување за пречекот на Нова година. Ова следува откако бројни туристи кои дошле во Сараево за да слават Нова година пријавиле дека биле измамени за сместувањето што го резервирале.
„Град Сараево ќе им обезбеди сместување на оние кои дошле зашто го сакаат градот, но биле измамени. Бескрупулозни поединци не треба да бидат причина празниците да не се поминат во добро расположение. Нашето Сараево е град со отворено срце и добри луѓе“, изјави Кариќ.
Таа кажа дека како и во изминатите години, Сараево ќе биде центар на регионот и добрата забава.
„Едвај го чекаме доаѓањето на сите туристи и гости и им посакуваме незаборавно искуство за време на престојот“, порача таа.
Градската управа отвори телефонска линија и адреса на е-пошта на која туристите може да пријават измама и да побараат помош за сместување.