Авион на турската компанија „Пегазус“ чудесно се спаси од катастрофа, откако пролизга на пистата на аеродромот во Трабзон и за малку не заврши во морето, запирајќи во калта во провалија.
Никој од 162 патници и членови на екипажот во „боингот 737-800“ не бил повреден и тие без проблеми биле евакуирани.
Властите сѐ уште испитуваат што е причината за излетувањето на авионот при слетувањето, но според некои непотврдени информации, инцидентот, можеби, се случил по удар на птица.
Авионот полетал од Анкара вчера во вечерните часови и при слетувањето имал проблеми со намалувањето на брзината, која била 204 километри на час во последната третина од пистата.
„Чекавме 20-ина минути во авионот пред да дојдат спасувачките служби. Во авионот можеше да се почувствува мирисот на гориво, па се плашевме да не експлодира. За среќа, тоа не се случи“, кажа еден од патниците.
Друг патник изјави дека е чудо што преживеале.
„Авионот лесно можеше да се запали или да падне во морето. Полудувам кога и да помислам на тоа“.
Поради несреќата, аеродромот беше затворен на неколку часа.