Турција се согласи да ја прекине офанзивата против Курдите во северна Сирија, објави американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој денеска во Анкара се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Сите воени операции ќе бидат запрени на пет дена и за тоа време, САД ќе помогнат да се спроведе повлекувањето на курдските сили од пограничната територија што Турција ја нарекува сигурна зона.
Турција ја почна офанзивата пред седум дена, откако Доналд Трамп најави дека американската војска ќе се повлече од тој регион. Курдите потоа се договорија со сириската влада, која со посредништво на Русија ја испрати својата војска во североисточниот дел на земјата.
„Одлични вести од Турција! Благодарение на Ердоган, милиони луѓе ќе бидат спасени. Ваков договор немаше да може да се постигне пред три дена“, напиша Трамп на Твитер.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу кажа дека офанзивата само привремено ќе биде запрена.
„Ние ја суспендираме операцијата, не ја откажуваме целосно. Ќе ја прекинеме дури тогаш кога курдските сили целосно ќе се повлечат од тој регион“, кажа Чавушоглу.
Сириските демократски сили немаа свој претставник на состанокот во Анкара и засега нема коментар од нив за новиот развој на настаните.